Патријарх Тихон (Белавин)
( 1865 - 1925 )
Митрополит Антониј (Храповитски)
( 1863 - 1936 )
Митрополит Анастасиј (Грибановски)
( 1873 - 1965 )
Митрополит Филарет (Вознесенски)
( 1903 - 1985 )
Митрополит Виталиј (Јустинов)
( 1910 - 2006 )
За нас
Руската Православна Црква Задгранична (РПЦЗ), денес возглавена од Високопреосвештениот Митрополит Њу - Јоркшки и Источно - Американски Агатангел, е основана во ноември 1920 година со благослов на законската Црковна власт – Синодот и Врховниот Црковен Совет под претседателство на светиот Патријарх Тихон (Указ бр. 362).
На руски и странски бродови, бегајќи од теророт на богоборните болшевисти, огромен број на офицери и војници, козаци, благородници и селани, работници и интелектуалци, засекогаш ја напуштија својата татковина и се населија низ целиот свет. Заедно со своето паство, замина и еден дел од свештенството кое го организираше духовниот живот во туѓина.
По смртта на Патријархот Тихон во 1925 година, во СССР беше невозможно да се свика Собор и да се избере канонска црковна власт, па на чело на Црковното управување во Москва се наоѓаа различни иерарси, поставени не преку соборен пат, туку „по завештание“. Еден од таквите претседатели „по завештание“, беше и поранешниот обновленец митрополит Сергеј (Страгородски), кој не издржа од комунистичкиот притисок и во 1927 година издаде срамна Декларација, во која потврди дека е целосно потчинет на комунистичката влада. Поради ова предавство на православната вера, РПЦЗ прекина секаква врска со центарот во Москва, и од тогаш нема никаква врска со Московското управување. Во исто време, РПЦЗ ја задржа духовната врска со прогонетата Катакомбна Црква во СССР, која исто така ги прекина сите врски со „советската црква“, а некои нејзини делови дури и ја анатемизираа.
На 4 септември 1943 година, на состанок со три „лојални“ митрополити, Сталин, од политички причини, одлучи да формира црква потчинета на комунистичките власти, и по три дена, по негова наредба, беше одржан Архиерејски собор од 19 специјално избрани архиереи кои „го избраа“ од Сталин поставениот митрополит Сергеј (Страгородски) за „патријарх“. Така е основана денешната Руска Православна Црква - Московска патријаршија (РПЦ МП). Московска патријаршија (МП) е формирана на 8 септември 1943 година неканонски, по волја на комунистичкиот диктатор Јосиф Сталин, кој и е нејзин основач.
На 17 мај 2007 година се случи потпишување на унија на дел од РПЦЗ со РПЦ МП, иако МП не се откажа од тоа што изворно беше и причина за разделбата со РПЦЗ, а тоа се: сергијанството и екуменизмот. При тоа, Московска Патријаршија ја призна РПЦЗ, спротивно на поранешната долгогодишна клевета како неканонска и расколничка.
Не целата Руска Православна Црква Задгранична се обедини со МП, еден нејзин дел, под омофорот на Митрополитот Њу - Јоркшки и Источно - Американски Агатангел, остана верен на заветите на Отците на РПЦЗ и на многубројните новомаченици и исповедници на Руската Катакомбна Црква.
Нашата мала заедница е дел од РПЦЗ и нема никаква врска со Московска Патријаршија или со руската држава и владејачките сили во денешна Русија, каде советско-атеистичкиот начин на размислување доби загрижувачки големо влијание. Нашата црква никогаш не ја призна Московска Патријаршија, бидејќи таа е организација основана од комунистичкиот диктатор Сталин, во исто време кога Црквата во СССР беше брутално прогонувана.