Во светата и велика недела на Пасха го празнуваме самото живоносно Воскресение на Господа Бога и Спасителот наш Исус Христос. Овој Празник го именуваме и Пасха, што на еврејски јазик значи Премин, бидејќи тоа е денот во којшто Бог во почетокот светот го приведе од небитие во битие (или поедноставно речено, светот го создаде од ништо). Во тој ден Бог го избави израилскиот народ од египетското ропство и го преведе преку Црвеното Море, избавувајќи го од рацете фараонови. Во тој ден, пак, слезе од небото и се всели во утробата на Дева. И сега, Он го избави човештвото од утробата на адот и го возведе на небесата, и го приведе кон древното достоинство на нераспадливоста. Меѓутоа, кога слезе во адот, не ги воскресна сите, туку само оние што Му поверуваа. А душите на светите, кои со векови беа присилно држани, ги ослободи од адот, и на сите им даде да се издигнат на небесата. Поради тоа, ние го празнуваме Воскресението со светлина и радувајќи се натприродно, и самите ние станувајќи икона на онаа радост со којашто нашата природа се збогати, поради милосрдието на милоста Божја. Го разменуваме и вообичаениот целив, за да покажеме дека е разрушено непријателството и дека сме се соединиле со Бога и со самите ангели.


А Воскресението на Господа стана вака: Додека војниците го чуваа гробот, на полноќ се случи земјотрес; слезе ангел, го тргна каменот од гробната врата, а војниците, исплашени, бегаат. Овде доаѓаат и жените доцна во саботата или на полноќ. За Воскресението прва дозна Мајката Божја која, заедно со Магдалина, стоеше пред гробот, како што вели (евангелистот) Матеј. Но, за да нема сомневање во Воскресението, поради роднинската врска со Мајката, евангелистите велат: Најнапред и се јави на Марија Магдалина. Таа го виде и ангелот на каменот, а кога влезе во гробот, ги виде и другите ангели кои и ја пренесоа веста за Воскресението на Господа, велејќи: Он воскресна, не е овде, ете го местото каде што го положија. Кога таа ги слушна овие зборови, отрча и дојде при најревносните ученици, Петар и Јован, и им јави за Воскресението. А кога се враќаше со другата Марија, ги сретна Христос, Кој им рече: Радувајте се! Впрочем , беше потребно, женскиот род, кој прв ги слушна зборовите: Со болки ќе раѓаш деца, - први да ја слушнат и радосната вест. Тие, пак, обземени од љубовта, пристапија и се поклонија пред Неговите пречисти нозе, сакајќи уште подобро да се уверат. Потоа и двајцата апостоли дојдоа на гробот: Јован само се наведна над гробот и си замина, а Петар влезе внатре и разгледа повнимателно, ја допре плаштаницата и крпите.


Утрината Магдалина, пак дојде на гробот, со другите жени, сакајќи да ги увери подобро во тоа што го видела. Стоејќи надвор, плачеше, а кога влезе во гробот, виде два ангела кои болскаа во светлина и кои и рекоа: Жено, зошто плачеш, и кого го бараш? Исус ли го барате, Назареецот, Распнатиот? Он воскресна, не е овде. Исплашени, веднаш станаа и Го видоа. Кога се сврте, Магдалина Го виде Господа како стои, мислејќи дека тоа е градинарот (бидејќи гробот беше во градината), и му рече: Господине, ако си Го зел ти, кажи ми каде си го положил, и јас ќе Го земам. Додека Магдалина повторно се свртуваше кон ангелите, Исус и рече: Марија! А таа, кога го слушна слаткиот и познат глас Христов, сакаше да Го допре. Но Он и рече: Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при Мојот Отец, како што и самата ти можеш да се увериш сметајќи ме за човек. Но, отиди при моите браќа и кажи им што си видела и слушнала. Магдалина така и направи. На разденување, таа пак дојде на гробот со другите. Другарките на Иоанна и Саломија дојдоа кога изгреа сонцето. Попрво речено, имаше повеќе доаѓања на жени на гробот, а меѓу нив беше и Богородица, бидејќи таа е онаа што Евангелието ја посочува како Марија Јосиева, оти Јосиј беше син Јосифов. Не се знае точно во кој час воскресна Господ. Некои велат дека тоа се случило за време на првото пеење (кукурикање) на петелот; други, пак, велат дека тоа било за време на земјотресот, а има и други мислења.


По овие настани, некои од војниците отидоа при архиереите и им раскажаа за тоа што се случило. А тие, откако ги потплатија со сребреници, им заповедаа да кажат дека Неговите ученици дошле ноќта и Го украле. Вечерта на истиот ден, кога учениците беа собрани заедно, поради стравот од јудеите, и вратите беа добро затворени, Исус влезе кај нив бидејќи Он беше во нераспадливо тело и, како и обично, им благовести мир. Кога тие Го видоа премногу се зарадуваа и, преку дување, најсовршено им го предаде дејството на Светиот Дух.


А што се однесува до тридневното Воскресение на Господа, треба да го знаеме ова: Вечерта од четвртокот и денот од петокот (бидејќи така Евреите го бројат ноќеденството - никтимерон), е еден ден. Ноќта од петокот и целата сабота е друго ноќеденство: тоа е вториот ден. Саботната ноќ, пак, и неделниот ден (бидејќи овде почетниот дел е комплетиран како целина) е третото ноќеденство. Тоа е третиот ден. Може да се толкува и вака: Христос беше распнат во третиот час од петокот. Потоа, од шестиот до деветиот час беше темнина, и тоа може да се смета како една ноќ. Од третиот час до деветиот имаме едно ноќеденство. И пак, по темнината (мракот), денот и ноќта од петокот, тоа е второто ноќеденство. Најпосле, денот од саботата и денот што следуваше, тоа е третото ноќеденство, според евангелистот кој говори: Во саботата в зори. Ако Спасителот, значи, ни беше ветил дека благодатта на спасението ќе ни ја даде во третиот ден, Своето ветување Он го оствари на најбрз начин.


Нему слава и сила во веки веков. Амин.


Од „Цветен Триод“