На 21 Јули 2024 година беше извршено прославување/канонизација на Свети Јоасаф од Едмонтон и Буенос Аирес. Прославувањето се изврши во храмот „Св. Владимир“, Едмонтон, Алберта, Канада. Оваа парохија е основана во 1932 година од Св. Иоасаф.






Краток животопис на Свети Јоасаф


од “The Orthodox Word”, март-април 1968


Новгород Велики е местото кое што го хранел и формирал идниот архиереј - просветител на Канада. Вања (деминутивна форма на Иоан-Јован) Скородумов се родил на 14 јануари 1888 година, како син на селски свештеник. Мајка му умрела кога имал шест години. На десетгодишна возраст, татко му го однел во Тихвин, град познат по својата чудотворна икона на Богородица Тихвинска, каде што завршил семинарското подготвително училиште, по што влегол во Новгородската семинарија - богословија.


Од раната младост, аскетизмот влегол во животот на младиот Вања. Црковниот живот во Царска Русија, со своите многубројни манастири, манастирски келии и скитови во градови, на езера и во шуми, чудотворните икони, испосниците непознати на светот, патниците и поклониците, литиите со многу хорови и ѕвона – сето ова оставило длабок впечаток на младиот аскет. Прво, тоа било како игра, Вања и неговиот постар брат оделе на риболов и останувале преку ноќ некаде на отворено, изгубени во топлата летна ноќ, разговарајќи и читајќи за големите аскети на старото време и животот на светиите. На патот назад тие правеле “подвиг” – носејќи кофа со риба на едно рамо, без промена, одејќи милји по патот до дома. Понекогаш нивните рамења крвареле, иако таквиот “подвиг” дома бил обесхрабруван од постарата сестра, која била нешто како мајка за нив, сепак момчињата биле возбудени што издржале страдање. Тие исто така оделе некое растојание боси на снегот, незабележени од никого...


Во 1908 година, откако блескаво ја завршил семинаријата, тој влегол во Богословската академија во Санкт Петерсбург, каде што станал посветен ученик на нејзиниот свет ректор, Теофан, подоцна епископ на Полтава. Владиката Теофан (Бистроф) бил многу образован теолог и голем подвижник на Исусовата молитва: нему дури и судбината на мртвите му била откриена. Под негово влијание, младиот Скородумов бил правилно воведен во уметноста на уметностите - Исусовата молитва, која очигледно добро ја практикувал, бидејќи до крајот на својот живот тој постојано бил во радосна состојба, како да доживува радост како за Пасха. Неговиот дипломски труд бил на тема “Монаштвото според Св. Јован Златоуст,” и влијанието на Светиот ја обликувало духовната личност на идниот архипастир за целиот живот. На денот на овој светител бил замонашен, и 43 години подоцна на истиот ден се упокоил.


Не долго пред неговото дипломирање, неговиот Авва Теофан бил префрлен во Астрахан, големо пристаниште на устието на реката Волга, и верниот ученик, по успешното дипломирање од Академијата, ги собрал сите свои скромни средства и заминал кај својот епископ. На патот, неговите стравови биле смирени од видение во сон, кое се остварило токму како што го видел. Во монаштвото му било дадено името на неодамна канонизираниот Свети Јоасаф од Белгород.


На почетокот, тој бил испратен да предава во семинарија во северна Русија, но брзо бил префрлен назад кај својот Авва, сега во Полтава, каде што служел како воен капелан. По крајот на војната, предавал во Цариград и во разни семинарии во Југославија. Таму бил познат по тоа што секојдневно служел Вечерна и Утрена богослужба, нешто што неуморно продолжувал да прави до крајот на својот долг живот.


Еден негов пријател, поранешен поклоник кој посетувал многу свети места во Стара Русија, сега бил во Канада. Оттаму му напишал писмо каде што го известил, дека, расколот на Митрополит Платон во 1926 година, не оставил легитимно православно свештенство во Канада, но земјата многу потсетувала на Русија и е плодна за семето на Божјото слово. “Сакаш ли да дојдеш?” завршил писмото. “Сакам!” бил брзиот одговор, иако бил сосема свесен за тешкотиите што ги вклучувало тоа. Сепак, дури во 1930 година Архимандрит Иоасаф пристигнал во Монтреал. По половина година бил назначен за епископ на Канада. Митрополит Антониј Храповицки го замонашил во Белград на 12 октомври 1930 година. Додека му го предавал архипастирскиот жезал, го предупредил за природата на христијанството што ќе го сретне во Америка: “Ти одиш кај луѓе кои долго време живееле во разбирање на нештата што нема никаква врска со христијанството. Носете им го учењето за смирението; прифатете го овој жезал како жезал на добродетелите, благословувајќи ги луѓето што сега стојат пред вас, мислете на стадото таму, кое веќе ве сака.”


И токму мудроста на смирението го научила да биде пример како мисионер во пост-христијанската ера и го чувала чист во срцето. “Во мојот живот,” рекол тој во својата проповед по неговото епископско ракополагање, “два прашања особено го задржуваат моето внимание. Прво: истражувањето на патиштата на Божјата милост. Ја набљудував неизречената Божја милост најпрво во богато обдарената природа, и си објаснив дека природата се потчинува на неизбежни природни закони. Потоа, почнав да го набљудувам човечкиот живот, и дури таму каде што слободната волја се наклонува кон злото, секогаш ја наоѓам Божјата милост. Потоа решив да се свртам кон најгрешното, најзлото, и се свртив кон мојот внатрешен живот. Се чинеше дека тука нема место за Божјата милост затоа што немаше ништо добро во него, но дури и тука ја открив Божјата милост, и ги запомнав зборовите на Псалмопејачот:


Каде да отидам од Твојот Дух? Или каде да побегнам од Твоето присуство? Ако се искачам на небото, Ти си таму; Ако го направам моето легло во пеколот, ете, Ти си таму.


Потоа конечно се уверив дека Божјата милост кон човекот е неограничена и бескрајна. Второто прашање што се обидов да го решам беше: дали Последниот Суд ќе биде скоро? Судејќи според знаците во природата, според моралната состојба на човештвото, и конечно, според себеси, чувствувам дека времето е блиску, дека треба да се забрза да се направи Божјото дело и да се реализира проповедта за Неговото Царство.”


Владиката бил бесребреник. Во Канада пристигнал речиси без пари, живеел и патувал целосно од донациите на своите сиромашни сонародници: понекогаш кога ги посетувал своите парохии, едвај имал доволно за да плати за патувањето до следната парохија.


Првите десет години издржал не само сиромаштија и студ, туку и многу тага поради ривалството на различни црковни јурисдикции кои се одделиле од Едната Света Апостолска Православна Црква. Митрополит Платон, кој во 1926 година прекинал евхаристиско општење со Синодот на Руската Православна Црква Задгранична (РПЦЗ) , умрел, и неговиот наследник, Митрополит Теофил, се обидел да го поправи расколот создаден од неговиот претходник. Американската Митрополија (идната Православна Црква на Америка (OCA)), била прифатена под Синодот на РПЦЗ во 1937 година. Епископ Јоасаф и трите други северноамерикански епископи на РПЦЗ биле поставени под административната власт на Митрополијата. Ова единство било краткотрајно, бидејќи, за само девет години подоцна на Соборот во Кливленд, со четворица од осумте гласачки епископи кои се спротивставиле на оваа одлука, Митрополијата повторно ги прекинала сите врски со РПЦЗ, признавајќи дека таквото единство било несоодветно со нивната желба за автокефалност под Патријархот на Москва, Алексеј, назначен од Сталин.


Заедно со Архиепископ Виталиј, и Епископите Тихон, Јеремија и Серафим, Епископ Јоасаф се спротивставил на оваа неразумна одлука, која слепо ги игнорира крвавите прогони на Руската Црква од страна на советската власт, и соработката на Московска Патријаршија во ова крвавење на Ризата Христова. На овој начин, повторно настанал раскол во канадската епархија, и Епископ Јоасаф се нашол многу изолиран. Сепак, по десет години во Канада, овој сиромашен, но весел епископ ги надгледувал градењето на катедрална црква во Едмонтон со живеалишта за неколку свештеници, четириесет парохии, манастир во Whitefish Lake и скитот на Покров на Пресвета Богородица во близина на Блуфтон.


По многу години живеење во Канада, само што закрепнал од тешка болест, Владиката бил подигнат на ранг архиепископ и испратен во Аргентина. Тука брзо станал длабоко сакан од сите. За време на првата посета на својата епархија, која го вклучувала и Парагвај, тој посетил болна жена која долго време лежела парализирана во болница. Таа ги побарала неговите молитви, на што тој веднаш се согласил, но ја прашал дали има вера во Бога и во Божјата сила да ја излечи. Таа рекла “да.” Тогаш тој се помолил и ѝ ја дал својата панагија да ја целива, по што таа била излечена. Мајката на отец В. Дробот имала силна забоболка кога Владиката ги посетил. Како што се спремал да замине, ја удрил со тупаница точно на местото на болните заби, велејќи: “Тоа не е ништо, ќе помине.” И веднаш болката престанала.


Здравјето на Владиката било слабо и топлата клима на Аргентина, особено по канадските зими, јо исцрпиле неговата последна сила, и тој умрел со смрт на праведник во 1955 година. Многу луѓе, на сон, го виделе Владиката облечен во бели одежди. Исто така, имало случаи кога Владиката давал помош од другиот свет. Но, едно од највпечатливите сведоштва за неговата светост доаѓа од устата на градинарот на капијата, Д. Карлос, на англиските гробишта во Буенос Аирес каде што Владиката Јоасаф е погребан: “Еднаш, кога веќе беше мрак, забележав дека во капелата заборавиле да ја исклучат електричната светилка, и отидов таму. Пред да пристигнам до неа, моето внимание го привлече силна светлина од левата страна на капелата. Но, кога се приближив, видов дека на гробот на вашиот архиереј имаше таква огромна светлина. Прво се исплашив, но потоа помислив, што може мртвиот да ми направи, и решив да се приближам. Немаше никаква можност да биде одраз од светилката на гробот, бидејќи светлината беше сина како месечината. Тоа беше нешто огромно. (Fue algo enorme.) Се исплашив, иако сум атеист.”


Таков бил земниот живот на овој вистински православен просветител на Америка.


Извор: stvladimirs.ca