„Како што велат Отците, крајностите и од една и од друга страна, подеднакво се штетни...Ние треба да одиме по царскиот пат, чувајќи се од крајностите од двете страни“ (Св. Јован Касијан). Православните христијани денес живеат во една од најкритичната епоха во историјата на Црквата Христова. Непријателот на човечкото спасение – ѓаволот, често напаѓа од сите страни, трудејќи се на секој начин да ги отргне верните од патот на спасението кој што им го покажува Црквата и да ја потчини на себе дури и самата Црква Христова, без обзир на ветувањето на Спасителот (Мт. 16, 18), та вистинското Тело Христово да го претвори во „екуменистичка“ организација која го подготвува патот на неговиот личен изабраник, Антихристот, големиот светски владетел во последните денови. Ние, секако знаеме, дека тој обид на сатаната нема да успее: Црквата ќе остане Невеста Христова се до крајот на светот; таа, Женихот Христос, при Неговото Второ доаѓање, ќе го дочека чиста и неосквернета од прељуботворниот сојуз со отпадништвото на овој век.
Но, пред сите православни христијани се поставува главното и најважното прашање на нашето време: Црквата ќе опстане, но колку од нас ќе останат во неа, спротивставувајќи се на силните обиди на ѓаволот да не одвои од неа?
Нашето време се повеќе подсетува на времето на св. Марко Ефески (XV век), кога, како што се чинело, Црквата веќе била проголтена од безбожната Унија со Латините. Меѓутоа, нашето време е потешко и по опасно од тоа време, бидејќи тогаш Унијата била наметната со сила однадвор, а денес православниот народ е однапред добро подготвен за прифаќање на „екуменистичкото“ спојување на сите цркви и религии – преку децениската незаинтересираност, рамнодушност, посветовнување, и погубната лага дека „ништо не не разделува“ од сите оние кои се нарекуваат христијани.
Православната Црква ја преживеа лажната Флорентинска унија и по неа дури доживеала и време на надворешен мирен живот и внатрешен духовен процвет, но ќе може ли Православието, кое се прогонува со невидена сила, по новата лажна Унија, да опстане и на било кое друго место, освен во катакомбите и во пустината?
Во течението на последните децении, продолжувајќи со страшниот „екуменистички“ курс кој го зазедоа патријархот Атинагора и неговите наследници, православните христијани опасно се приближија кон целосен бродолом. Најновата „екуменистичка“ изјава на Константинопол, „Тијатирското исповедање“ (види Orthodox Word, јан-фев. 1976), доволно е да покаже колку таа помесна Црква – некогаш прва помеѓу Православните Цркви во исповедувањето на Вистината Христова – се одалечила од Православието. Овој жалосен документ покажува колку константинополските иерарси сега се близу до тоа да бидат апсорбирани во инославното „христијанство“ на Западот, се до формална Унија која што сега се подготвува. Корените на овој денешен екуменизам во Православните Цркви лежи во обновленството и модернизмот на некои православни иерарси од дваесетите години на овој век. Тие текови во Русија ги породија, како прво, „Живата Црква“ – движење кое со помош на комунистичкиот режим се обиде да го сруши Патријархот Тихон и да ја „реформира“ Црквата на радикален протестантски начин, и како второ, сергијанската црковна организација (Московска Патријаршија), по „конзервативна“ наследничка на „Живата Црква“, која прво го истакна политичкото помирување со комунистичката идеологија и прифаќање на нејзините цели (во склад со срамната „Декларација“ на митрополитот Сергиј од 1927 год.), за неодамна повторно да се осуди да се впушти во црковно обновленство, кое во себе вклучува и активно учество во екуменистичкото движење.
Во Грчката Црква ситуацијата се одвивала на сличен начин: кога се покажало дека мореднистичкиот „Сеправославен собор“ од 1923 година – со своите протестантски реформи кои ги надахна неславниот патријарх Мелетиј Метаксакис – се претерано радикални за да бидат прифатени во православниот свет, обновленците се задоволиле со наметнувањето на календарските реформи на некои несловенски Цркви. Широки движења на протести се појавиле против реформистите, како во Руската, така и во Грчката црква, предизвикувајќи длабоки поделби кои и до ден денес постојат во православниот свет.
Во Руската црква многу епископи и верни христијани, на чело со Митрополитот Јосиф Петроградски, одлучно го отфрлиле сергијанството, и ова движење на „јосифовци“ подоцна доби нешто поорганизиран облик и стана познат како „Вистинска Православна Црква“. Историјата на ова нелегална, „Катакомбна“ Црква на Русија до ден денес е покриено со велот на тајна, иако во поминатите неколку години осветлуваат некои изненадувачки факти поврзани со нејзината вистинска дејност, која предизвикува жестоки репресивни мерки од страна на советските власти. Постана познато името на нивниот сегашен Првоиерарх (Митрополит Теодосиј), а исто така и името на еден од нејзините десетици или повеќе епископи (Епископ Серафим).
Во дијаспората, Руска Задгранична Црква, која уште од самиот почеток зазеде тврда антисергијанска позиција, изразувајќи ја многупати својата солидарност со Вистинската Православна Црква на Русија и истовремено отфрлајќи секое (евхаристијско, заб. на мак. прев.) општење со Московска Патријаршија. Нејзината бескомпромисност и традиционализам не беа според вкусот на некои руски иерарси на Западна Европа и Америка, склони кон „реформските текови“ на XX век, кои во различни периоди се одвоиле од РЗЦ, и на тој начин направија „јурисдикцијска“ разноликост во руската дијаспора.
Во Грција протестот покренат со истиот таков православен инстинкт го доби името „Вистински Православни Христијани“. Од самиот почеток 1924 година (кога била спроведена календарската реформа) ова движење станал особено силен помеѓу простите монаси, свештенство и верен народ. Прв епископ кој ја напуштил државната грчка црква и се соединил со движењето на ВПХ, бил Митрополитот Хризостом Флорински. Денес тоа движење го продолжува својот целосен независен живот, тоа има организација која опфаќа околу една четвртина од сите православни христијани во Грција и можеби околу половина или повеќе од вкупниот број монаси. Иако Вистинските Православни Христијани на Грција, широко се познати како „старокалендарци“, тие заправо инсистираат на тврдиот традиционализам како во православниот живот, така и воопшто, сметајќи го календарското прашање само за прв стадиум и краеаголем камен на модернизмот и реформизмот.
Така ракот на екуменизмот се повеќе и повеќе ги проголтува преостанатите здрави органи на Православието. Само најчувствителните членови на официјалните православни јурисдикции покажуваат нагласена симпатија кон ставовите на представниците на антиекуменистичките и антиреформистички Цркви на Русија, Грција и дијаспората. Некои од нив, гледајќи дека официјалните јурисдикции сега непоколебливо го следат антиправославниот курс, ги напуштаат како бродови кои тонат и се присоединуваат кон Вистинските Православни Христијани, а други, кои сеуште се надеваат дека внатре во светското православие ќе биде обновен православниот курс, мислат дека засега е доволно да се изразуваат симпатии кон ВПХ, или смело да протестираат против „реформистичката“ идеологија, која владее во официјалните јурисдикции.
Во последните десет години, антиекуменистичките Посланија на тагата на Митрополитот Филарет, Првоиерархот на РПЗЦ, предизвикаа одек во многу Православни цркви, иако официјалниот одговор на нив беше воглавно молчење и непријателство. Денес, повеќе од било кога во поминатите 50 години на борба за зачувување на православната традиција во времето на апостасија, гласот на вистинското и бескомпромисно Православие мора да се чуе по целиот свет, и силно да влијае на идниот курс на Православните цркви. Можеби е веќе доцна да се спречи обновленскиот „Осми Вселенски Собор“ и „вселенското“ обединување (Унија), која е и цел на тој собор. Но тоа не значи дека сеуште не е невозможно да се убеди една или повеќе Помесни цркви да го напуштат тој погубен пат кој води кон конечна ликвидација на Православието, во оние јурисдикции кои на него до крај се истрајни. Во секој случај, поедини луќе, па и цели заедници, можат да бидат поштедени од тој пат, како што и некои неправославни сеуште можат да го пронајдат својот пат кон спасоносната ограда на вистинската Црква Христова. Затоа суштински е важно овој глас навистина да биде глас на вистинското светоотечко Православие.
За жал, понекогаш се случува, особено во жестокиот спор, од една страна здравите православни позиции претерано да се истакнуваат, а од друга неправилно да се разберат, и затоа кај некои се појавува потполно погрешен впечаток, дека вистинското Православие представува некој вид на „екстремизам“ и реакција од „десно“ на владеачкиот „лев“ курс кој го прифатиле водачите на официјалните Православни цркви. Таков политички поглед на денешната борба за вистинското Православие потполно е погрешен. Напротив, оваа борба, помеѓу своите најдобри современи представници – било тоа да се во Русија, Грција или во дијаспората, зазеде облик на враќање на светоотечкиот пат на умереност, средниот помеѓу крајностите, а тоа е она што светите Отци го нарекуваат ЦАРСКИ ПАТ. Учењето за овој “царски пат“ изложено е на пример, во Духовните поуки на св. Авва Доротеј, каде што тој посебно ја цитира Петта книга Мојсеева (Повторени закони): Не свртувајте ни десно ни лево, туку одете по Царскиот пат (5. Мој. 5, 32; 17, 11). И свети Василиј Велики вели: „прав во срцето е оној, чија помисла не кршнува ниту во претераност, ниту во недостаток, туку е усмерена само кон средината на добродетелта“. Сепак, тоа учење нај јасно е изразено кај великиот православен отец од V век, св. Јован Касијан, пред кого стоела задачата слична на онаа која денес стои пред нас: чисто да го представи учењето на Источните Отци на луѓето на Запад, кои биле духовно незрели и сеуште не ја разбирале длабочината и префинетоста на источното духовно учење, и затоа, применувајќи го ова учење во пракса, лесно паѓале во крајности, или во неработење, или во претерана строгост. Св. Јован Касијан православното учење за царскиот пат го изложил во своето дело „За расудувањето“, кое св. Јован Лествичник (Лествица, IV, 717) го оценил како „чудесна и многу возвишена философија“: „Со сета сила и со најголема грижливост ние треба да се трудиме преку смирение да го стекнеме добриот дар на расудување, кој може да нe сочува неповредени од претерување од двете страни. Бидејќи, како што велат Отците, крајностите и од една и од друга страна подеднакво се штетни – и претераниот пост и прејадувањето, и претераното бдение и долготрајниот сон, и други претерувања... Расудувањето го учи човекот да оди по Царскиот пат, одалечувајќи се од крајности од двете страни: не допушта од десната страна да биде прелажан од претераното воздржување, а од левата да се препушта на мрзливост и слабост... Искушението од десна страна е поопасно од оној од лева: неумерното воздржување поштетно е од прејадувањето, зашто со помош на покајанието од ова последното може да се премине на правилно расудување, а од првото не може“ (на човекот кој се гордее со своите добродетели му е затворен патот кон покајното смирение кое што овозможува спасение). Применувајќи го ова учење на нашата ситуација, можеме да кажеме дека „царскиот пат“ на вистинското Православие денес е средина помеѓу крајноста на екуменизмот од една страна, и ревноста не по разум (Рим. 10, 2) од друга.
Вистинското Православие не оди „во чекор со времето“, од една страна, ниту пак во „строгост“, „исправност“ и „каноничност“ кое го претвара во оправдано фарисејско самозадоволство, исклучливост и недоверба – од друга. Оваа вистинска православна умереност не треба да се меша со празната млакост, или со рамнодушност, или со било кој облик на компромис помеѓу политичките крајности.
Денес воздухот е толку презаситен од духот на „реформирање“, така што, сите оние чии што погледи се отргнати од налетот на духот на времето, вистинската-православна умереност ќе ја сметаат за „фанатизам“, но оној кој кон тоа прашање се однесува сериозно и на се пристапува од точката на гледиште на светѕоотечкото учење, ќе го пронајде царскиот пат во одалечување од било која врста на екстремизам.
Меѓутоа, во нашето време нема православен учител кој би дал пример на здрава и усрдна православна умереност, како што беше блаженоупокоениот архиепископ Аверкиј Џорданвилски, чиј што многубројни дела и проповеди дишат со свежиот дух на вистинска православна ревност, без никакво скршнување „во десно“ или „во лево“ и со постојано истакнување на духовната страна на вистинското Православие (види: „Света ревност“, The Orthodox Word, мај-јуни 1976).Руската Задргранична Црква по промисла Божја, и е дадена најпогодната положба за зачувување на „царскиот пат“, во немирната доба како што за Православието претставува XX век. Живеејќи по прогонство и сиромаштија, во свет кој не го разбира страдањето на рускиот народ, таа се концентрира на тврдо чување на верата која го обединува нејзиниот народ, и што е потполно природно, целокупната екуменистичка идеологија заснована на религиозната рамнодушност и воображеност, на материјалното изобилство и бездушното обединување на нациите – ја сметала за потполно туѓа. Од друга страна, со својата жива свест за тоа дека сергијанската црква во Русија не е слободна, таа била заштитена од падот во екстремизам „од десно“. Во крајна линија, таа може да биде без општење со телото со кое управуваат атеисти, но поточното одредување на нејзиниот статус подобро да го оставиме на идниот слободен руски црковен собор. Доколку тоа овде делува како „логична противречност“ (ако не ги негирате нејзините свети тајни, зошто тогаш не сте во општење со неа?“) – во прашање е проблем само за рационалисти, а оние пак кои кон црковните прашања пристапуваат подеднакво со срцето и со главата, без колебање ќе ја заземат позицијата која представува завет оставен на Руската Црква во дијаспората од страна на нејзиниот мудар Првоиерарх Митрополитот Анастасиј (+ 1965).
Останувајќи слободна, Руската Задгранична Црква смета дека една од најважните обврски е да изрази солидарност и целосно општење со катакомбната Вистинска Православна Црква на Русија, чие постоење „официјалното“ Православие потполно го игнорира, па дури и го негира. Ако еден ден, ако на Бога Му биде угодно, заврши ужасното искушение на Руската Црква и народ, другите Православни Цркви ќе можат појасно да ја сфатат ситуацијата во Руската Црква, а до тогаш, можеме само да се надеваме – дека слободата на Православната Црква никогаш нема да го доведе до сомнеж правото на постоење на Руската Задгранична Црква, или негирање на благодатноста на нејзините Свети Тајни. Скоро сите тие долго се наоѓале во општење со неа, се додека нејзиното неучествување во екуменистичкото движење не ја изолира од останатите цркви, бидејќи им е опомена, и тоа особено во последната деценија. И се до скоро време тие се спротивставуваа на политичките инспирирани обиди на Московската Патријаршија за Руската Задгранична Црква да ја прогласи за „расколничка“ и „неканонска“.
Неодамна Руската Задгранична Црква ја призна Вистинската Православна Црква на Грција и им пружи помош. Нивната положба, исто така долго била необично тешка и неправилно разбрана. Во Грција првиот налет на Црквата (календарската реформа), не била толку смртоносна како Декларацијата на митрополитот Сергеј во Русија, па затоа на богословската свест на православниот грчки народ и било потребно повеќе време за потполно да ја согледа антихристијанската суштина на споменатата реформа. Потоа, само неколкумина грчки епископи имале доволно храброст да се присоединат на старокалендарското движење (додека бројот на не-сергијанските епископи во почетокот бил поголем од целиот епископат на Грчката црква). Старокалендарското движење, неодамна доби можност да стане барем малку по „интелектуален“, бидејќи кон него пристапуваат се повеќе и повеќе луѓе со високо образование. Долги години старокалендарците трпеa гонење од страна на државата и официјалната црква, понекогаш и крајно сурови, и се до денес остануваат презрени од страна на официјалното светско православие, кое воопшто не ги признава.
За жал, внатрешните несогласувања и поделби и пoнатаму ги слабеат старокалендарците, на нив им недостасува еден заеднички глас преку кој би ја изразиле својата борба за Светоотечко Православие. Но поради тоа, никако не треба да ги негираме, бидејќи нивната позиција во суштината е православна, а нејзините здрави пројави можат да бидат само поздравени.
Тежњеењето за достигнување на единство внатре во Вистинското Православие, кое во последните години во целиот свет се засилува, без разлика дали станува збор за Катакомбната Руска Црква, Грчката Вистинска (старокалендарска) Црква, или Руската Задгранична Црква, поттикна некои луѓе да се замислат над условите за создавање на „единствен фронт“ на исповедничките Цркви за спротивставување на екуменистичкото движење кое ги проголта „официјалните“ цркви. Сепак, во современите услови ќе биде многу тешко такво нешто да се постигне, во секој случај, тоа представува „политички“ поглед на ситуацијата, чие што значење на мисијата на вистинското Православие гледа во сосема надворешен облик.
Протестот на вистинското Православие против „екуменистичкото православие“, против рамнодушното млако православие во епохата на апостасија, треба да се покаже во својата полнота, пред се во Русија, зашто не може сведочењето на толку маченици, исповедници и поборници на вистинското Православие во XX век да остане залудно. Бог нека ги сочува своите ревнители на царскиот пат на Вистинското Православие, да бидат верни Нему и на Неговата света црква, до крајот на вековите! Православно Слово, Септ. - Окт., 1976 (70), стр. 142 - 149